• Саше Љолес
Бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар повторно излезе на терен и тренираше со националниот тим. Сепак, неговото учество на претстојните натпревари од Светското првенство сè уште останува неизвесно.
Според информациите од Бразилската фудбалска федерација, 34-годишниот напаѓач работел на физичка подготовка и имал ограничен контакт со топка за време на затворениот тренинг. Нејмар сè уште не се приклучил на тактичките вежби со остатокот од тимот, што укажува дека стручниот штаб не сака да ризикува со пребрзо враќање на терените.
Фудбалерот на Сантос се опоравува од повреда на листот на десната нога, заработена во мај, а ова е само последна во низата здравствени проблеми кои значително ја нарушија неговата кариера во последните години. Поради повредата, тој веќе го пропушти воведниот натпревар на Бразил на Мундијалот.
Иако неговото враќање на тренинзите внесе оптимизам меѓу бразилските навивачи, од таборот на „селесао“ порачуваат дека нема да се брза со неговото враќање. Засега нема потврда дали ќе биде подготвен за следниот натпревар, а конечната одлука ќе зависи од тоа како ќе реагира на зголемените тренажни напори во наредните денови.
За Бразил, присуството на Нејмар би претставувало огромно засилување во обидот да стигне до шестата светска титула, но здравјето на искусниот напаѓач останува приоритет за селекторот и медицинскиот тим.





