• Мартин Танасковски
Некадашниот идол на бразилскиот народ и фудбалер кој со својата магија го воодушевуваше светот, Нејмар, се соочува со тешки денови во својата родна земја. Иако неговото враќање во Сантос беше пречекано со надеж дека ќе донесе нов подем на клубот, реалноста на теренот е далеку поинаква.
Сантос се наоѓа во сериозна резултатска криза и по најновото коло се држи едвај над зоната на испаѓање. Тимот моментално е на 16. позиција во бразилското првенство, со само три бода повеќе од Виторија, која е во опасната зона. Дополнителен проблем за клубот претставува тоа што Нејмар, нивната најголема ѕвезда, нема да биде на располагање до почетокот на ноември поради повреда.
Неговите статистики оваа сезона се далеку од очекуваното. На 21 одигран натпревар во шампионатот, Нејмар има постигнато само шест голови, но, уште поразителна е статистиката што го вбројува меѓу трите играчи кои најмногу губат топка во целото првенство. Според податоците на локалните аналитичари, Реиналдо од Мирасол е прв со 19.2 изгубени топки по меч, следи Бернабеј од Интернасионал со 18.7, а Нејмар е трет со просек од 17 изгубени топки по натпревар. За фудбалер кој важеше за мајстор на дриблингот и контрола на топката, ваквите бројки претставуваат алармантен пад во формата.
Критиките во бразилската јавност се се погласни. Некои дури тврдат дека Нејмар повеќе никогаш нема да го достигне нивото на игра кое го правеше меѓу најдобрите во светот. Нејмар останува икона во Бразил, но времето кога со својата магија ги решаваше мечевите како од шега изгледа дека припаѓа на минатото. Сега, наместо по головите и асистенциите, тој е тема на дискусија поради падот во формата, нешто што тешко му паѓа и нему и на милионите негови обожаватели.






