Нејмар мора на нова операција, настапот на Мундијалот останува само сон?

Бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар повторно се соочува со сериозни здравствени проблеми. Според информациите објавени во домашните медиуми, напаѓачот мора да оди на операција на коленото поради повреда која подолго време му создава проблеми и го ограничува неговиот настап на теренот.

Иако деталите за интервенцијата и времето на опоравување сè уште не се целосно познати, лекарските процени укажуваат дека операцијата е неопходна за да се избегнат дополнителни компликации и за да може Нејмар безбедно да се врати на фудбалските терени.

Повредата на коленото го следи фудбалерот во последните месеци, а според дел од пишувањата, постоела и можност тој привремено да ја одложи операцијата за да му помогне на својот клуб во завршницата на сезоната. Сепак, медицинскиот тим оценил дека ризикот од влошување е преголем и дека хируршка интервенција е најдобрата опција.

Со ова, Нејмар повторно паузира во период кога се очекуваше негов целосен камбек. Фановите се надеваат дека операцијата ќе помине успешно и дека бразилскиот ас ќе се врати во старата форма што е можно побрзо. 

Ова се лоши вести за фудбалерот кој сакаше да се наметне кај селекторот Карло Анчелоти, кој изјави дека „вратата за Нејмар не е затворена“, но неговиот евентуален настап на Светското првенство сега е под голем знак прашалник.