Нејмар: Имам посебен третман, ама и Меси го има, не затоа што е згоден...

Бразилскиот фудбалер Нејмар имаше јубилеј во дресот на Бразил и на мечот против Сенегал (1-1) дојде до бројката од 100 натпревари, како најмлад кому му успеало да дојде до ова достигнување.

Лидерот на „кариоките“ десет години е важен дел од националниот тим, а по јубилејот изрази задоволство и истакна дека никогаш не се криел и не ја оставал одговорноста настрана кога требало да се прифати нешто.

„Во селекцијата на Бразил сум десет години. Секогаш сум еден од најважните играчи, еден од носителите на екипата кои преземаат одговорност. Никогаш не сум се криел, секогаш сум давал се од себе и сум дал многу за Бразил. Секако дека имам посебен третман. И Меси има посебен третман во Барселона. Не поради тоа што е згоден, туку поради играта. Тоа е нормално во фудбалот“, изјави Нејмар.

Нејмар не успеа да се запише во листата на стрелците на натпреварот против Сенегал, а дуелот кој се одигра во Сингапур заврши без победник (1-1).