Нејмар им кажал во ПСЖ: Сакам само во Барселона!

Бразилската ѕвезда Нејмар е главна трансфер-сага во овој летен преоден рок. Напаѓачот е на излезна врата од ПСЖ, а секојдневно се пишува за негов трансфер, во Реал Мадрид или во Барселона.

Двата шпански тима силно загризаа за потписот на Нејмар, но тешко е да се договорат финансиските детали. Челниците на „кралевите“ и „кулињата“ беа во Париз и водеа преговори, па се чека одговор од ПСЖ.

Шпанска „Марка“ пишува дека за целата ситуација се огласил и Нејмар, кој јасно дал до знаење дека сака да оди само во Барселона. Не се работи за јавен гест, туку за приватна конверзација со директорот на клубот, Леонардо.

Делегацијата на Барселона во последните преговори со ПСЖ понуди 170 милиони евра, како и можен трансфер на Осман Дембеле во „градот на светлината“. Француските медиуми, пак, пишуваат дека ПСЖ го сака Нелсон Семедо како дел од договорот, но фудбалерот не сакал да си оди од Шпанија.

До крајот на преодниот рок остануваат уште шест дена. Покрај Реал Мадрид и Барселона, интерес за Нејмар покажа и Јувентус, но италијанскиот калчолигаш е трета опција за „кариоката“.