Нејмар го замени дресот и со ПСЖ ќе се обиде да ја исфрли „својата“ Барса

Ждрепката за осминафиналето на Лигата на шампионите посака одново Барселона да оди на ПСЖ во нокаут рундата. Откако пред три сезони одиграа еден од најкултните двомеч пресметки во историјата на ова натпреварување, парижани ќе имаат шанса да се одмаздат. 

Во 2017 година, ПСЖ го доби првиот меч со убедливи 4-0, ама Барселона се погрижи за сензација и со победа од 6-1. Тогаш, Нејмар играше во редовите на каталонскиот тим и со два погодоци во финишот беше меѓу хероите на победата против својот сегашен тим.

Сепак, Бразилецот се повреди во дуелот со Лион и засега не е познато колку ќе треба да паузира и дали повредата е од посериозна природа. Сепак, тука е Мбапе кој со сигурност може да одговори на задачата и ќе биде многу опасен против шпанскиот тим.

Од друга страна, Меси е единствениот „преживеан“ од популарното трио „МСН“, бидејќи Нејмар е во ПСЖ, а Суарез во Атлетико Мадрид. Аргентинецот и изменетиот состав на Барселона играат променливо, па најважно е во каков моментум ќе се најдат пред натпреварот. 

Традицијата е речиси изедначена, па на 11 средби, од кои десет во Лигата на шампионите. Барселона има четири победи, наспроти трите на ПСЖ, а четири средби завршиле со нерешен исход. 

Барса и ПСЖ во нокаут рундата на Лигата на шампионите одиграа четири двомеч дуели, а ПСЖ само еднаш мина понатаму и тоа во далечната 1995, со некоја друга генерација. Сепак, Барселона е ранлива и овој двомеч ќе биде најинтересен.