• Иван Димовски
Сантос триумфира на гостувањето кај Жувентуде со 0-3 и направи сериозен чекор кон опстанок на коло пред крајот во бразилската Серија А.
Вистински херој на својот клуб беше Нејмар кој блесна кога беше најпотребно. Бразилската ѕвезда даде хет-трик во второто полувреме на ова гостување. Првиот гол Нејмар го постигна во 56. минута, а потоа погодуваше во 65. и 73. самостојно носејќи ги трите бода за својот клуб.
Сега култниот клуб има 44 бода, два повеќе од Виторија која е прва „под цртата“, па во последното коло и бод против Крузеиро им е доволен за опстанок. Олеснителна околност за Сантос е тоа што и Виторија има тешка средба со Сао Пауло.
Ноќва шампионската титула си ја обезбеди континенталниот првак Фламенго со минимална победа над Сеара (1-0). Иако и второпласираниот Палмеирас триумфира, лидерот не дозволи кикс и остана на плус пет бода на врвот.

