Недостига само потпис, Донарума договори неверојатни услови со ПСЖ

Екипата на ПСЖ ќе добие нов голман за следната сезона, барем така пренесоа сите еминентни медиуми и новинари. Џанлуиџи Донарума преку својот агент Мино Раиола се договори со парижани и се очекува да ја задолжи опремата на францускиот вицепрвак. 

22-годишниот голман одолговлекуваше и не се договори со Милан, иако имаше понуда од осум милиони евра по сезона, па „росонерите“ експресно го доведоа Мајк Мењо. Иако се споменуваа Барселона и Јувентус, тие не можеа да ги задоволат финансиските барања на Донарума, па на сцена стапи ПСЖ. 

Според пишувањето на Фабрицио Романо и многу други, Донарума ќе добие плата од 12 милиони евра по сезона, а ќе парафира соработка до 2026 година. Покрај тоа, тој може да оствари дополнителни бонуси, додека агентот Раиола ќе заработи провизија од околу 15 милиони евра. ПСЖ ќе испрати медицински тим во таборот на репрезентацијата на Италија, па таму треба да се одржат прегледите и потоа да се промовира потписот.