„Не знам веќе што е пенал, а што не е - но претходно имаше прекршок врз Ибра“

Италијанските дерби дуели се преполни со полемики и со примената на ВАР-технологијата. Второто полуфинале на Копа Италија се надоврза на првото. Откако синоќа Антонио Конте жестото протестираше на арбитражата на Калабрезе, денес тренерот на Милан, Стефано Пиоли имаше што да каже на делењето на правдата на натпреварот со Јувентус.

Пеналот за „старата дама“ во последната минута од регуларниот тек, заради игра со рака на Калабрија подигна голема прашина. 

„Им реков на моите фудбалери да заминат без да жалат за ништо од натпреварот. Горд сум на одиграното, иако заслуживме поинаков резултат. Ќе се обидеме да одиграме подобро на возвратниот натпревар. 

Што се однесува до пеналот за Јуве, се налутив, бидејќи сметав дека има прекршок над Ибра на почетокот на акцијата. А и за играта со рака на Калабрија имам дилеми. Се сеќавам на натпреварот од првото коло меѓу Каљари и Бреша, кога беше досуден ваков пенал за Каљари, а Рицоли потоа ни објаснуваше дека во вакви ситуации не се суди пенал. Збркан сум, не знам повеќе што е дозволено, а што не е при играта со рака“, рече Пиоли во разговорот со новинарите по натпреварот на „Сан Сиро“. 

Милан двапати во пет дена ја испушта предноста и со наведната глава заминува од дуелите со најголемите ривали, Интер и Јувентус.