• Саше Љолес
Фудбалскиот гигант Барселона и понатаму се соочува со сериозни финансиски предизвици. Според официјалните податоци од клубот, вкупните финансиски обврски на Каталонците изнесуваат околу 1,45 милијарди евра, најголемиот дел од нив поврзани со големиот инфраструктурен проект „Espai Barca“.
Овој проект, кој вклучува целосна реконструкција на легендарниот стадион „Ноу Камп“ и изградба на новата сала „Палау Блауграна“, како и уредување на поширокиот спортски кампус, се смета за најамбициозниот потфат во историјата на клубот. Финансирањето е обезбедено преку долгорочни заеми од меѓународни инвестициски фондови, кои Барселона ќе ги отплаќа во наредните децении.
Иако клубот тврди дека проектот ќе донесе значителни приходи по неговото завршување, моментално тежината на долгот сериозно го оптоварува буџетот. Според извештаи на шпанските медиуми, управата веќе спроведува мерки за рационализација на трошоците, додека од спортска гледна точка клубот се потпира на младите таленти од академијата „Ла Масија“ и внимателно одбрани трансфери.
Проектот „Espai Barca“ се очекува да биде целосно завршен до 2026 година, а клубот планира дека со новиот стадион ќе генерира повеќе од 400 милиони евра годишен приход, што треба постепено да го стабилизира финансискиот биланс.







