Не успеа во Барса, па преку Ница „патува“ во Премиер лигата

Англиските медиуми пишуваат дека Тотенхем е најсериозен кандидат за потписот на францускиот репрезентативец, Жан-Клер Тодибо. Стоперот на Ница беше дел од Барселона пред две години, каде го најавија како голем талент, но не успеа да се снајде во Шпанија, по што реши да се врати во родната земја. 

23-годишниот Тодибо играше и за Тулуз, а беше и на позајмици во Бенфика и Шалке 04. За Ница досега настапи на 81 натпревар и стана незаменлив дел во одбраната, а интересот од Тотенхем доаѓа откако прикажа одлични партии во текот на целата година. Сумата што „петлите“ би ја издвоиле за неговите услуги се движи околу 45 милиони евра, а Тотенхем сигурно би добил одлично засилување за порозната одбрана која досега прими 17 голови сезонава. 

И менаџерот Анте Постекоглу изразил желба да го види Французинот во Лондон, но уште не е познато дали играчот би пристигнал во јануари или во текот на летниот преоден рок. Едно е сигурно, интересот за Жан-Клер Тодибо секојдневно расте и ништо чудно наскоро да го видиме и во најсилната европска фудбалска лига. Оваа година е навистина посебна за стоперот кој воедно стана и француски репрезентативец, а за „триколорите“ досега одигра два меча.