Не стигна ни да дебитира, а доби продолжување на договорот

Легендарниот „Принц од Неретва“, како што го нарекуваат поранешниот тренер на Тони Савевски во АЕК Атина, Душан Бајевиќ, влезе во историјата на фудбалот по уникатен податок. Имено, новиот селектор на репрезентацијата на Босна и Херцеговина доби продолжение на договорот и покрај тоа што не ни стигна да дебитира на новото работно место.

Имено, Бајевиќ беше назначен за наследник на Просинечки на босанската клупа, но по одложувањето на бараж натпреварите од Лигата на нации, наместо во март, дебито на Бајевиќ се очекува наесен. Не е познато до кога е продолжен договорот, но се претпоставува дека искусниот стручњак ќе ја води селекцијата на својата земја до 2022 година.

71-годишниот Бајевиќ стекна многу симпатии во босанската јавност со изјавата дека не сака пари да ја извршува оваа функција. Сепак, Фудбалската федерација на БиХ вети дека ќе најде начин како да го исплати за завршената работа.

Противник на Босна и Херцеговина во полуфиналето е селекцијата на Северна Ирска, а натпреварот веројатно ќе се игра во Зеница.