„Не се достојни да му ги врзуваат копачките на Де Брујне, а тој ќе им прави шпалир...“

Дени Марфи

Дербито меѓу Ливерпул и Манчестер Сити ќе започне со традиционалниот шпалир за новиот шампион во Премиер лигата. Фудбалерите на Пеп Гвардиола му го препуштија престолот на „црвените“, кои ќе бидат пречекани на специјален начин на теренот на лутиот ривал.

Дени Марфи, легендата на тимот од „Енфилд“, ги разочара фановите со последната изјава во која го величеше Кевин Де Брујне, на сметка на играчите на својот поранешен тим.

„Многумина ќе речат дека тоа е чин на фер игра и почит кон противникот, но мислам дека шпалирот е чиста глупост. Не знам кој го започна ова и зошто, но би бил ужасно засрамен да го сторам тоа затоа што е нечесно и лажно. Верувај ми, никој не сака да го стори тоа на нивните најголеми ривали; ниту играчи, ниту навивачи и тоа е само залуден гест што служи да ја оддушеви јавноста.

Конкретно, Кевин Де Брујне, веројатно најдобриот играч од средниот ред во светот, сега ќе мора да аплаудира на играчи на Ливерпул кои не се достојни за тие да му ги врзуваат копачките“, вели Марфи.

Ливерпул прослави шампионска титула по триесет години, по киксот на „граѓаните“ на гостувањето кај Челзи. Шпалирот на „Етихад“ ќе биде само дополнително задоволство за играчите и навивачите на екипата на Јирген Клоп.