Не постоеја пред десет години, а сега го урнаа еден од најдоминантните шампиони!

Фудбалскиот клуб Сабах испиша историја, освојувајќи ја шампионската титула во Азербејџан за првпат од своето постоење.

Со овој успех, Сабах го симна од тронот доминантниот Карабах, кој во изминатите 12 сезони дури 11 пати беше шампион на домашното првенство. Овој податок дополнително ја нагласува големината на подвигот што го направи новиот шампион.

Особено импресивно е што Сабах како клуб практично и не постоеше пред една деценија, а сега успеа да стигне до самиот врв на азербејџанскиот фудбал. Тимот математички ја обезбеди титулата дури четири кола пред крајот на сезоната, што е уште еден показател за неговата доминација во текот на првенството. Сабах е формиран на осми септември, 2017 година.

Со освојувањето на шампионската титула, Сабах ќе добие можност да настапи во квалификациите за Лигата на шампионите следната сезона, што ќе биде нов предизвик и шанса за меѓународна афирмација на клубот.