Не помогнаа ниту солзите за прошка: Цел Мароко му е лут на Диаз

Мароканскиот репрезентативец Брахим Дијаз по завршувањето на натпреварот застанал пред своите соиграчи во соблекувалната и им се извинил за потегот што го одбележа финалето на Африканскиот Куп на Нациите.

Емоциите целосно го совладале, па мароканскиот репрезентативец, според информации од таборот на селекцијата, не успеал да ги задржи солзите. Иако извинувањето било искрено и упатено до целиот тим, реакцијата од раководните луѓе на репрезентацијата засега останува студена.

Челниците се сè уште видно незадоволни и не му простиле за ризичната одлука да изведе пенал со „паненка“, потег што, според нив, директно влијаел врз конечниот исход и скапо го чинел Мароко во финалето на престижниот турнир.

Ситуацијата во мароканскиот табор е далеку од идеална. Разочарувањето е длабоко, а шокот од случувањата на теренот сè уште не е надминат. Тешката атмосфера се чувствува и меѓу фудбалерите и во стручниот штаб, каде што владее чувство дека испуштена е голема шанса, а еден момент на непромислен ризик оставил сериозни последици врз целиот колектив.