„Не ми се веруваше, Роналдо во својот дом имаше личен тренер, доктор, физиотерапевт, кувар...“

По завршувањето на својата кариера, Рио Фердинад, често знае да даде интересни изјави поврзани за својата кариера или пак за кариерите на своите соиграчи. Така, во последното интервју кое го направи за специјализираниот интернет медиум за фудбал, „Гол“, откри неколку интересни детали од животот на неговиот поранешен колега, Кристијано Роналдо

Легендата на Манчестер Јунајтед при една посета на домот на португалскиот репрезентативец остана во неверица кога виде дека во една соба имаше десет луѓе кои се грижат за неговиот соиграч. 

„Познато е дека Кристијано вложува многу во себе, но да бидам искрен не верував дека до толку. При една прошетка во неговиот дом, во една соба видов десет луѓе. Го запрашав кои се овие, што прават овде? Тој почна да ме запознава со нив: „Овој е мојот лекар, овој мојот личен тренер, мојот кувар, мојот физиотерапевт, мојот доктор...“. Тоа беше нешто неверојатно. Тогаш ми стана јасно како може ова момче да биде толку моќен на теренот“, рече Англичанецот. 

По фантастичната кариера во Јунајтед, Роналдо се пресели во Реал Мадрид, а сега веќе три сезони е дел од Јувентус и, иако има 34 години, сè уште е еден од најдобрите на светот.