• Саше Љолес
Поранешната ѕвезда на Ливерпул, Роберто Фирмино, во разговор со англиските медиуми им порача на навивачите на „црвените“ да бидат трпеливи и рече дека тимот наскоро ќе се врати во препознатливата форма.
Бразилецот смета дека неговиот поранешен клуб е на здрава основа и побара трпение со стручниот штаб на тренерот Арне Слот, кој минатата сезона ја освои титулата во Премиер лигата.
„Не можете веднаш да го обвинувате Слот, тој заслужи многу повеќе почит од сите. Навивачите мораат да бидат трпеливи и да му дадат шанса нему и на неговиот стручен штаб. Прашање на време е кога Ливерпул повторно ќе ги меле противниците, немојте да се сомневате во тоа.
Некогаш после освоена титула и после неколку промени во тимот, нормално е да има пад во формата. Сезоната е уште на почетокот и многу работи можат да се променат. Немам сомнеж дека Ливерпул ќе се бори за титулата“, рече Фирмино.
Ливерпул ја прекина црната низа од четири последователни порази во Премиер лигата. Со победата над Астон Вила, екипата стигна до вкупно 18 бода на табелата, кои го сместуваат шампионот на третата позиција.








