Не фрлајте со камења по Панчев, за колапсот виновни се – Самсоненко и соработниците!

Многумина удрија со дрва и камења по македонската фудбалска легенда Дарко Панчев затоа што си ги побарал своите пари од Вардар кои ги имал според договор, но фудбалерот на векот во Македонија нема толку голема вина колку што тоа се презентира во јавноста во оваа актуелна ситуација, тоа мора да се признае.

Дарко Панчев преку извршител го блокира Вардар и неофицијално бара сума од околу 60.000 евра како плати кои не ги примил подолг период додека работеше како спортски директор. Дојде во 2017 година, си замина година и пол подоцна, затоа што Вардар не се движеше според планот и тој немаше никаква улога во креирање на екипата поради беспарицата, а во септември 2019 година двете страни потпишаа договор кај нотар за исплата на платите кои му се должат. Панчев не беше безгрешен, сигурно имаше и грешки и свои маани во раководењето во клубот во кој израсна како играч и се вивна кон врвот на Европа и светот, но вината за актуелната состојба секако дека не е толку негова зашто клубот е на ова дереџе, туку мора да се спомене Русинот кој го дигна вардаровото семејство до ѕвездите со две европски титули во машкиот ракомет, историски пласман во групите во Лига Европа со фудбалот, Ф4-турнири со ракометните дами, па сето тоа го тресна силно од земја на крајот, како и неговите најблиски соработници и главни оперативци во ФК. Ако Вардар нема пари да исплаќа долгови, барем засега, зошто тогаш потпишува анекс-договори со рокови и ветувања? Тука се отвора и прашањето колку може еден човек (спортски директор н.з) да биде виновен за пропаст на еден проект кој се градеше со години?

Споровите кои го блокираат и ќе го блокираат Вардар не се само на „Кобрата“, има и други побарувачи, некои активираа блокада и претходно, некои фудбалери уште тужат или предупредуваат за тоа и тоа за плати кои ги примаа во висина од над 10.000 евра и за суми од преку 100.000 евра во година. И не се само играчите, низ минатото тука се и блокадите од ерменски Гандзасар, кој си побара тренинг-компензација за Филип Илиќ, блокадата поради неподмирените фактури за користење на Арената „Тодор Проески“ и слично. И двете се сега регулирани. Ама, народски кажано, рибата смрди од главата.

Во случајов, прстот треба да се впери кон сопственикот Сергеј Самсоненко и неговите главни соработници. Управата требаше добро да размислува пред да троши недомаќински, во моментите кога ангажираше фудбалери со договори со баснословни суми. Требаше добро да размисли кога ја правеше „ревардаризацијата“, односно кои легенди му беа потребни на Вардар во тој момент и што тие легенди можеа да направат за Вардар со одврзани раце за работа, како и што се вети како добро за проектот, а што се исполни и што се направи со парите од влезот во групната фаза на УЕФА Лигата на Европа. Исто така тука како голема шлаканица е и срамното недобивање на лиценца две години по ред, нешто поради кое Вардар загуби најмалку милион и пол евра. Рускиот бизнисмен неколку пати низ годините најави повлекување, па преку соопштенија и обраќања се поправаше и велеше дека никогаш нема да го напушти Вардар, но пред неколку месеци официјално крена раце и кажа дека нема повеќе сила сам да дава пари. Побара помош, ама не ја доби. Така, од оваа бездна во која сега е клубот сега тешко дека ќе има излез, доколку не се подмират долговите и да се најде нов инвеститор каков што беше Самсоненко со години. Мора да се потенцира, барем засега, рускиот милионер на хартија уште е сопственик на Вардар, затоа што според договореното не може туку-така да се повлече, а да го остави најтрофејниот клуб со долгови до гуша. Тоа може да го направи на крајот на 2020 година, секако, ако ги реализира сите побарувачки доспеани до 31 мај и го врати клубот на Град Скопје со „чиста сметка“, онака како што го доби пред шест години. Актуелните долгови на Вардар се 90% за плати, барем така се соопшти на стартот на новата сезона и тоа мора да се покрие. Затоа што никој не би се нафатил да инвестира во клуб со стари наталожени долгови кои ако не се исплатат во дадените рокови само ќе растат.

Вардар според неофицијалните бројки должи над три милиони евра. Панчев бара само минималец од тоа - да бидеме конкретни, 1,5% од вкупниот долг. А, зарем македонската легенда не треба да си ја бара платата, кога еден Мустафа Куанјор на пример, фудбалери за кој веруваме тешко дека сите го познавате, затоа што не заигра меч за Вардар, ќари преку 120.000 евра. Или високите отштети што ги земаа играчи како Нико Херанц, стопер од Аргентина кој исто така не заигра, како и „кариоката“ Данило Бала, кој се најавуваше како големо засилување, имаше само еден тренинг пред Пјуник, но добро се офајди откако експресно си замина дома. Најлесно е да се удри по Македонецот, а да се заборави на странецот.

Сергеј Самсоненко им даде ветување на сите во вардаровото семејство дека до декември долговите ќе бидат исплатени. Анекс-договори има во ракометот, тоа го открија играчите низ интервјуа, а ете, дознавме дека сега слично нешто постои и во фудбалот.  Ама, барем засега, разврска тука нема. Клубот требаше да живурка сезонава со 500.000 евра, но по извршителските налози кои доаѓаат и ќе доаѓаат на адреса на клубот, тешко е дека декември ќе се дочека онака како што се посакува, со таа финансиска конструкција.