Не е како некогаш, но сепак е дерби на бугарскиот фудбал

Не, вечното дерби на Бугарија, кое в петок во 17:00 часот ќе ја подели Софија, нема да биде судир помеѓу два тима кои се борат за титулата. ЦСКА со продолжувањето на убедливите игри и резултати во блиска иднина, може да се кристализира како конкурент за одземање на круната на Лудогорец, но Левски е на светлосни години далеку од трофејот кој последен пат го освоил пред 11 сезони. Но, да ја искористиме позната спортска фраза - дербито е секогаш дерби, без оглед на формата и позицијата на табелата.

Повеќе од една деценија дербијата по кои стануваше јасно кој е шеф во Софија не носат идентична енергија како онаа што ги красеше кон почетокот на 21 век. Во тој период, Левски беше исклучително доминантен, освојувајќи дури шест титули, двојно повеќе од градскиот ривал и најжестокиот непријател. Оваа сезона „црвените“ се надеваат дека би можеле да се доближат до патеките на старата слава, односно да го загрозат статусот на неприкосновниот  Лудогорец, кој доминира во бугарскиот фудбал цели девет сезони. ЦСКА е во серија од пет победи во шампионатот во кои секогаш постигнуваше најмалку два гола. Пред една недела, на стадионот на „Бугарска армија“, каде што ќе го пречека големиот непријател, успеа да ја совлада Рома со 3-1 во натпревар кој немаше резултатско значење. ЦСКА се збогуваше од Лигата на Европа, но триумфот над „волчицата“, секако донесе самодоверба  до точка на блескање пред вечното дерби.

Левски, пак, со формата и резултатите е близу до зоната за испаѓање, а со 15 бода од 15 натпревари е сè подалеку од плеј-офот. Беше поразен четири пати на последните шест натпревари, со една победа и едно реми. Избраниците на Славиша Стојановиќ успеаја да ја зачуваат мрежата само еднаш на последните осум дуели. Претходните три судири беа неизвесни и завршија без победник (3-3, 0-0, 2-2). Овој пат домаќините ќе бидат задоволни само со триумф, а на гостите не би им пречело ако за дома однесат и бод.