• Саше Љолес
Луис „Луј“ Буфон, синот на легендарниот Џанлуиџи Буфон, официјално го имаше своето деби во првиот тим на второлигашот Пиза, кој се бори за влез во Серија А.
17-годишниот Буфон игра на позицијата лево крило, а во младинските категории засега настапува за селекцијата на Чешка, од каде потекнува неговата мајка, Алена Шередова. Буфон „јуниор“ доби шанса во првиот тим од тренерот Филипо Инзаги, кој веќе изјавуваше дека младиот талент има голем потенцијал пред себе.
Буфон втрча на теренот во 84. минута од натпреварот со Специја, каде Пиза доживеа пораз со конечни 2-3, но и натаму е на второто место на табелата, со шанси да се врати во елитата првпат по далечната 1991 година.