Не било само во Македонија: Луди цени на хотелите во Мадрид пред финалето во ЛШ

Мадрид хотели

Ако се навратиме две години наназад, главниот град на Македонија беше центарот на вниманието на европскиот фудбал. Во Скопје гостуваа Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, како дел од УЕФА Суперкупот на Европа, што беше одлична можност за висока заработка на сопствениците на хотели или апартмани.

Во тој период многу се зборуваше за високите цени на хотелите кои беа двојно повисоки од летување на Малдиви, на пример. Веднаш се испратија јавни критики кон „гладните“ газди кои беа осудени дека даваат лош изглед на нашата држава.

Доказ дека ваквите случувања се чести и во остатокот од Европа пристигнува од шпанската престолнина Мадрид, каде што ќе се игра финалето на Лигата на шампионите меѓу Тотенхем и Ливерпул.

Цените на хотелите и апартманите за време на викендот кога ќе се одигра финалниот меч скокнаа за неверојатни 90%. Најефтините се издаваат за 200 и 250 евра, а цените можат да достигнат и до 2.000 евра.

Исто така се нудат пакети во кои се вклучени соби и влезници и истите имаат вртоглави цени кои достигнуваат и до 9.000 евра.

На Инстаграм започна акција со пораката „#freecouch4fansinmadrid“ преку која се обезбедуваат сместувања за сите фанови кои ќе допатуваат во Шпанија по разумни цени.