Навиваме за Лихтенштајн: Нека нема тениски резултат со Велс во Вадуц!

Фудбалската репрезентација на Велс го игра можеби најважниот натпревар во квалификациите за Мундијалот 2026, кога гостува во Вадуц кај Лихтенштајн. Иако теоретски сè уште можат да обезбедат директен пласман, реалноста е дека тимот на Крег Белами ќе се задоволи со борба за второто место во Групата Ј и потоа преку плејоф ќе се обиде да стигне до Светското првенство. Велшаните ја следат ситуацијата во врвот на табелата, надевајќи се дека лидерот Белгија може да направи грешка на гостувањето кај Казахстан. Но надежите за такво сценарио се мали, па затоа вниманието е насочено кон задржување чекор пред Македонија во трката за втората позиција.

По поразот од Белгија во Кардиф минатиот месец, Велс ја изгуби можноста самиот да си го олесни патот. Сепак, две сигурни победи до крајот на циклусот би го цементирале второто место, што би им донело полуфинален плејоф натпревар на домашен терен напролет – предност што често знае да биде пресудна. Дури и да не ги добијат последните две средби, Велс е речиси сигурен дека ќе игра плејоф благодарение на добрите резултати во Лигата на нации минатата година.

Практично единственото прашање што останува неразјаснето е дали мечот во полуфиналето ќе го играат дома или на гости. Крег Белами, познат по својот прецизен и строг пристап, не сака да размислува предвреме за патување во Северна Америка. По три последователни порази – два во пријателски средби против Канада и Англија и еден во квалификациите од Белгија – селекторот бара јасна реакција од своите играчи.

Лихтенштајн влегува во натпреварот во исклучително тешка состојба. Репрезентацијата која е рангирана на 206. место во светот сè уште нема освоено бод, ниту постигнато гол во шесте досегашни натпревари во Групата Ј. Тимот е одамна отпишан и ја завршува уште една разочарувачка кампања. Во дуелите со Велс историски стојат лошо. Играле четири пати и секој пат загубиле без да постигнат гол. Последниот натпревар меѓу двете селекции во јуни заврши со убедливи 0-3 за Велс, а сите показатели упатуваат дека и овојпат малата земја ќе има сериозни проблеми.

Дефанзивата на Лихтенштајн пррима во просек речиси четири гола по меч, а тимот има само една победа во последните педесет и три натпревари. Особено болни за нивните навивачи беа двата порази од Сан Марино минатата година, што доволно зборува за моменталниот квалитет и самодоверба на составот. По дуелот со Велс, Лихтенштајн го очекува уште потешко гостување – во вторник игра кај Белгија, каде што ја завршува кампањата која од самиот почеток беше осудена на неуспех.

Велс знае дека во вакви натпревари нема простор за изненадувања. Победата е императив, не само заради ситуацијата на табелата туку и заради враќање на самодовербата пред решавачките натпревари напролет. Пораз или дури и реми би бил сериозен удар врз амбициите, особено во период кога формата е веќе нестабилна.

Овој меч со внимание ќе го следи и Македонија. Тимот на Благоја Милевски ќе навива за победа на Велс со помалку од шест гола. Имаме подобра гол разлика, а победа на Велс со пет гола ќе не стави во позиција во последната рунда во Кардиф да ни одговара и реми да го освоиме второто место во групата. Во спротивно, тениски резултат, односно победа со шест или повеќе голови, ќе ја стави Македонија во ситуација да мора да победи на Островот.