• Горан Упале

Колку што доведувањето на Лионел Меси беше маркетиншки хит, неговото заминување е огромен маркетиншки удар за ПСЖ. По две години аргентинскиот ас го напушта ПСЖ. Тој викендов го одигра последниот натпревар во дресот на овој клуб.
Така, ПСЖ останува без најдобриот играч на сите времиња, но и без милиони навивачи, односно следбеници на Инстаграм. Според француските медиуми, во првите 24 часа по неговото заминување, околу еден и пол милион луѓе престанале да ја следат страницата на ПСЖ на најпопуларната социјална мрежа во светот.
ПСЖ сега има 68,7 милиони следбеници, но бројката продолжува да опаѓа со голема брзина и прашање е каде ќе престане падот. Што се однесува до Меси, тој се поврзува со враќање во Барселона и преселба во Саудиска Арабија, каде Ал-Хилал му дава богата понуда.
Тренерот на Блауграна, Чави Хернандез минатата недела откри дека Меси ќе ја донесе конечната одлука, па таа информација треба да ја очекуваме во наредните денови.
„Мислам дека може да продолжи на високо ниво и ако дојде во Барселона, каде што го сакаат сите Каталонци, особено јас како тренер, вратата му е отворена“, рече Чави.
Лионел Меси по две години се сели од Париз. Аргентинецот си заминa од клубот во кој не се прослави и не успеа да ја оствари зацртаната цел поради која беше доведен – трофеј во Лигата на шампионите.