• Мартин Танасковски

Навивачката група на Шкендија, „Балисти“, се огласи во јавноста по информациите дека сопственикот Лазим Дестани ќе ги повлече инвестициите ако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) не го промени ставот за казната за исфрлање на тетовчани од Купот на Македонија на една сезона и воедно рекордната парична казна.
Шкендија е казнета со сума над 100.000 евра и воедно со една година суспензија од Купот на Македонија заради прекршување на повеќе правила, а најстрогата одлука е заради непримањето на медалите по загубеното финале со Силекс и исвиркувањето на националната химна. Навивачите побараа од спонзорот да не се повлекува, туку да направи посилен тим.
- Соопштението на навивачите во целост:
„Поддршка за нашиот клуб од срцето – Шкендија
Навивачката група „Балисти“ со големо внимание ја следи ситуацијата поврзана со последните случувања во односите со Фудбалската федерација, која на скандалозен и неправеден начин го казни нашиот клуб Шкендија. Ако ги споредиме казните за исти настани кај други клубови, оваа последна казна е скандалозна, непромислена и намерна. Како пример може да ја земеме казната на Силекс за употреба на пиротехнички средства од 5.000 евра, додека Шкендија беше казнета со 15.000 евра.
Во целата оваа турбуленција, бараме од историскиот сопственик, г. Лазим Дестани, да не се повлечеме од натпреварувањето, бидејќи токму тоа е главната цел на непријателите и злонамерниците.
Сите заедно – клубот, навивачите и спонзорите – да ја надминеме оваа ситуација и да се вратиме посилни од кога било. Подготвени сме да понудиме секаков вид помош за нашиот клуб. Време е да изградиме тим трипати посилен од противниците.“
Шкендија оваа сезона ја заврши без ниту еден трофеј, но ќе се памети историскиот настап во Конференциската лига на УЕФА каде тимот играше во групната фаза, а потоа дојде и во нокаут-рундата каде испадна од турски Самсунспор.
