ВИДЕО: Навивачите на Сампдорија прекинаа тренинг и ги понижија фудбалерите

Навивачите на Сампдорија го прекинаа петочниот тренинг на тимот. Околу стотина фанови пристигнаа пред тренинг центарот, а водачите на најжестоката група навивачи влезе и на теренот. 

Ако мислевте дека Сампдорија не може да доживее поголемо понижување од падот во Серија Ц, тогаш се излажавте. Навивачите влегоа на теренот и ги натераа фудбалерите да ги соблечат тренинг-маичките бидејќи не се достојни да го носат грбот на клубот на своите гради. Играчите немаа избор, послушаа и ги предадоа маичките пред да се повлечат во соблекувалните.

За Сампдорија релегацијата во третиот ранг на италијанскиот фудбал е најголем неуспех во историјата. Клубот не успеа да преживее во Серија Б, а тоа навивачите тешко го поднесоа.