• Саше Љолес

Навивачите на Пари Сен Жермен се крајно разочарани од Лионел Меси и неговите изјави за евентуално напуштање на клубот. Тие се гневни по испаѓањето на ПСЖ од Лигата на шампионите, а „данокот“ изгледа дека ќе го плати Аргентинецот, за кого многу медиуми деновиве пишуваа дека е на излезни врати од Париз.
Неколку француски медиуми излегоа со информација дека навивачите на „светците“ со огромни свирежи ќе го „наградат“ Меси на претстојниот натпревар во Лига 1 против Рен, кој ќе се одигра в недела. Фановите се незадоволни од неговите изданија во елитното натпреварување, а најмногу му замериле за недоволното залагање на теренот во дуелите со Баерн Минхен.
Меси не успеа да постигне ниту гол, ниту асистенција, а според навивачите, тој бил едноставно невидлив на теренот. Целата ситуација дополнително се комплицира со најавите од неколку шпански медиуми дека Меси летово би можел да го напушти Париз и да се врати во Барселона, а исто така на големо се шпекулира и околу евентуален премин во Ал-Хилал од Саудиска Арабија.
Најверните фанови на ПСЖ ќе го испратат Аргентинецот со силни свирежи и негодувања, а се вели дека ќе биде подготвена и специјална кореографија на која ќе биде испишано: „Оди си, не ни требаш во нашиот клуб“.
Останува да видиме дали овие најави ќе добијат своја потврда на натпреварот в недела. Лионел Меси пристигна во ПСЖ пред две години, ја освои титулата во француското првенство, но во Лигата на шампионите не беше ни блиску до самата завршница.