Навивачите гневни на УЕФА: Шок од цените на билетите за финалето во ЛШ

Голем дел од фудбалските фанови се гневни и бесни на УЕФА поради превисоките цени на влезниците за финалниот натпревар од Лигата на шампионите помеѓу Интер и Манчестер Сити

Европската куќа на фудбалот ги објави цените за влезниците, а навивачите ја примија информацијата со разочараност, по што го истурија бесот на социјалните мрежи. Тие прашуваат како е можно двата тима да добијат по 19.000 влезници кога стадионот „Кемал Ататурк“ има капацитет од 75.000 посетители, а исто така се шокирани и од цените на билетите. 

Најевтините билети чинат 70 евра, но тие се за најгорните седишта на стадионот, додека билетите со подобри места за седење чинат од 170 до неверојатни 688 евра! Навистина шокантни цени, а фановите директно ја обвинуваат УЕФА за овој скандал кој може да оддалечи многу искрени навивачи од финалниот меч во Истанбул. 

„Ова е смешно. Двата тима мораа да добијат по 30.000 влезници, а сега излегува дека ќе имаат по 10.000 помалку. Како да го сфатиме ние ова? Го сфаќаме како навреда за сите навивачи. Повеќе билети ќе добијат спонзорите, отколку вистинските фанови кои цела година го чекале овој натпревари и собирале пари за патување, сместување, влезници и храна“, пишува еден гневен навивач. 

Дел од фановите на „граѓаните“ исто така се придружија на критиките и сметаат дека УЕФА навистина претерала со цените и распределбата на билетите. 

„Можеби звучи оптимистички, но јас знаев дека ќе играме во финалето. Цела година тргав пари настрана и сега излегува дека и тие не ми се доволни. Зарем треба да подигнеме кредити од банките за да можеме да гледаме едно финале во Лигата на шампионите? Навистина мислам дека ова е скандалозно, фудбалот се игра за навивачите, а тие во најголема мера потекнуваат од работничката класа. Изгледа УЕФА смета дека финалето е резервирано само за елитата“, пишува навивачот на Сити. 

Финалниот натпревар меѓу Интер и Манчестер Сити ќе се одигра на 10 јуни во Истанбул, но од Италија и Англија има најави дека навивачите би можеле да го бојкотираат мечот доколку УЕФА не реши да ги намали цените на обичните билети и влезниците од „втората класа“.