Наумовски: Фудбалот се игра до последна минута, можеме до подвиг!

Кристијан Наумовски како капитен ќе го води Шкупи во обидот да се дојде до поволен резултат против Шамрок Роверс (1-3) и пласман во плеј-офот од Лигата на Европа. Голманот на македонскиот првак вели дека следи голема борба за победа и ветува максимален ангажман и посветеност.

„Секако дека по поразот во Ирска противникот се наоѓа во подобра позиција, но знаеме дека фудбалот се игра до последната минута. Искрено, не заслуживме таков резултат, откако во првиот дел не игравме добро, во второто полувреме бевме многу подобри и го покажавме вистинското лице на Шкупи. Но, во финишот немавме среќа. Сега ни следи домашен меч и сите работи ќе зависат од нас. Верувам дека ќе дојдеме до резултат ако бидеме вистинските на терен. Се надевам и на поддршка од нашите навивачи „Шверцери“, а ние ветуваме дека ќе го оставиме срцето на терен“, изјави Наумовски.

Натпреварот меѓу Шкупи и Шамрок Роверс се игра на Арената „Тодор Проески“ во вторник со почеток од 21:00 часот.