Наумов и Здравков пресилни за Кожуф, Беласица со петта победа не го дава врвот

13 гола на пет попладневни натпревари од петтото коло на Втората лига - Исток. Сите фаворити извојуваа победи, а струмичани, штипјани и велешани се издвоија како најквалитетни екипи во лигата.

Лидерот Беласица не знае за друг резултат освен за победа. Петти натпревар и петта победа за струмичани, кои одамна не загубиле во официјален дуел и ако не беше елиминацијата од Пелистер во Купот, ќе беа без пораз половина година.

Против соседот Хоризонт Турново, лидерот извојува победа на „Кукуш“ како гостин со 0-2 (0-2) со головите во првиот дел на Пепи Ѓорѓиев и Валентин Кочовски.

Непоразена е и Брегалница, која на убедлив начин под Исарот го совлада и Кожуф со 3-1 (3-0). Уште во првиот дел „сините“ ги решија дилемите околу победникот. Со два гола на Ристе Наумов и еден на капитенот Горан Здравков, минатосезонскиот прволигаш најави дека целта оваа сезона е директна промоција во елитата. Toшевски го постигна единствениот гол за гостите од Гевгелија. 

Борец исто така е во позитивен момент и пред своите гледачи во Велес ја победи екипата на Тиквеш со 1-0 (1-0) со голот на поранешниот фудбалер на Силекс, Александар Пановски на четири минути до одморот.

На „Никола Мантов“ во Кочани, ривалите од Третата лига – Исток до пред неколку месеци, Осогово и Саса одиграа драматичен дуел, во кој на крајот немаше победник, 2-2 (0-2). Гостите од Македонска Каменица прокоцкаа водство од 0-2 со головите Аксентиев и кочанчани ремизираа со головите на Атанасоввски и Стојков од пенал во второто полувреме. 

Во Валандово, Победа загуби од Плаковица со 0-2, што претставува еден вид на изненадување на колото. 

Беласица е лидер со максимални 15 бода, а следат Брегалница и Борец, кои исто така не загубиле ниту еден натпревар на почетокот од шампионатот.