Настевски: Гостивар има идеална шанса да стане прволигаш

Гостивар ја намачи Шкендија во Купот на Македонија и доживеа болна елиминација (0-1), но нема време за тагување, затоа што следат обврските во Втората лига - Запад. Лидерот ќе се соочи со Кадино, а Иван Настевски, еден од играчите со прволигашко искуство во гостиварчани очекува нови три бода.

Лидерот по осум одиграни натпревари нема ниту еден пораз. Со шест победи и две ремија, Гостивар ѝ бега пет бода на второпласираната Велешта. Настевски вели дека со вакви игри, овој тим има идеална шанса да обезбеди промоција.

„Со вакви игри, Гостивар има идеална шанса да стане прволигаш. Оние кои го следеа натпреварот од Купот на Македонија со Шкендија, видоа дека се работи за квалитетен тим кој му даде голем отпор на фаворитот. Испаднавме, ама немаме време да жалиме, затоа што сега сите мисли ни се насочени кон лигата. Лидери сме, ќе гостуваме кај Кадино, не бегаме од фаворитската улога и одиме да ги освоиме трите бода. Но, истовремено мора да внимаваме и да не му дозволиме на противникот премногу“, изјави напаѓачот.

Натпреварот меѓу Кадино и Гостивар во рамки на 9. коло од ВМФЛ-Запад се игра в сабота од 14:30 часот.