Настевски: Детонит Плачковица до крај ќе игра за Првата лига!

Екипата на Детонит Плачковица во претпоследното есенско коло дома го совлада Кожуф (2-0) и остана на втората позиција на табелата во ВМФЛ. Ова место носи директна промоција во ПМФЛ, а него до крајот ќе го бранат играчите, потврдува капитенот Иван Настевски.

„Успеавме во нашата прва цел, тоа е да го победиме Кожуф и да освоиме важни три бода. Тимот не е за потценување, имаше одличен старт на сезоната. Добивме тежок дуел, во тешки услови за игра. Сега ни следи уште еден меч до крајот на полусезоната, а и на него ќе одиме на победа. Детонит Плачковица до крајот ќе игра за Првата лига, затоа што Радовиш заслужува прволигашки фудбал“, изјави капитенот на радовишани.

Главен конкурент за второто место на табелата на Детонот Плачковица е битолски Пелистер, кој исто така победи ова коло кај Победа. Апсолутен лидер е Беса, која бодовно е чекор напред во однос на ривалите.