• Иван Димовски

Фудбалскиот клуб Горица и натаму се бори за опстанок во ХНЛ, а во текот на вчерашниот ден запиша круцијална победа против Шибеник (0-4), тим кој е на бод над нив на безбедна позиција на табелата.
По дуелот, еуфоријата во тимот на Горица беше јасна, играчите ја прославија победата, а тренерот Жељко Сопиќ потврди дека конзумирале и алкохол. Покрај тоа, најави тренинг во еден наутро по враќањето во Горица.
„Моите играчи сега ќе се изнапијат во автобусот, како да не знаат дека ќе очекува тренинг во еден наутро кога ќе дојдеме во Горица. А, ги чека, тоа е за да го исфрлат алкохолот од себе“, кажа Сопиќ.
Клубот потоа на социјалните мрежи сподели видео како фудбалерите трчаат на теренот под рефлектори и напиша: „Ако ве разбуди некое светло во Велика Горица, не грижете се, тоа се само нашите рефлектори, тренираме“.
Инаку, Сопиќ е наследникот на Игор Ангеловски на клупата на Горица. Македонскиот стратег имаше шанса да го води хрватскиот клуб на почетокот на сезоната, меѓутоа поради црната серија заработи отказ. Ниту Сопиќ не се прослави во Горица, па клубот и натаму кубури на последното место во ХНЛ и се бори за опстанокот.