• Горан Упале

И светскиот фудбалски врв ја честиташе титулата шампион на Вардар во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Вардарци по шест години одново се искачија на кровот во македонскиот елитен фудбал, а новиот успех го поздравија првиот човек на „European Football Clubs“ и сопственик на европскиот шампион ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, како и од Џани Инфантино претседателот на ФИФА.
„Почитуван господине Неделковски. Во име на European Football Clubs, сакам да ви упатам честитки до вас и до сите во ФК Вардар за освојувањето титулата во ПМФЛ оваа сезона.
Освојувањето на лигата по рекорден дванаесетти пат е големо достигнување и ја одразува напорната работа и посветеноста на сите во клубот. Ви посакувам сè најдобро и многу успех во следната сезона“, гласеше пораката на Насер Ал-Келаифи.
Првиот човек на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино преку писмо адресирано од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, ја честиташе титулата на Вардар.
„Преку ова писмо ми претставува задоволство да им честитам на новокрунисаните шампиони на Македонија, ФК Вардар. Нивните постојани напори и резултати во текот на целата сезона се исплатеа, што резултираше со оваа значајна титула. Честитки до секој член на тимот и на клубот за ова големо достигнување.
Воедно, ви благодарам вам и на вашата федерација за континуираната поддршка, работа и посветеност во развојот на фудбалот во вашата земја. Со нетрпение очекувам, почитуван претседателе, повторно да се видиме наскоро. Спортски поздрав, Џани Инфантино“, гласеше пораката на првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.
Одморот на вардарци ќе биде краток, затоа што тимот под водство на новиот тренер Фабијани уште во јули го чекаат предизвици од квалификациите во Лигата на шампионите.


