• Мартин Танасковски

Наполи ја оствари зацртаната цел и славеше убедливо (4-0) во дерби-дуелот против Рома, со што го презеде петтото место на табелата во италијанската Серија А.
- Извештај од натпреварот:
Мечот во Неапол се играше во чест на починатиот Диего Армандо Марадона. Светскиот великан доби специјално дизајнирани дресови од Наполи, а фудбалерите во нив блеснаа во сиот сјај и со четири гола во мрежата на „волчицата“ ја запишаа шестата овосезонска радост.
Победата ја најави Лоренцо Инсиње, во 31. минута со еден одличен погодок од слободен удар, а потоа во 65. минута удвои Руиз, со шут од далечина по земја. Ељиф Елмас влезе во 78. минута од мечот, а токму тој шутираше во 81. минута во голманот Миранте, па топката се одби до Мертенс, за предност од 3-0. Конечниот епилог го постави Политано откако во 87. минута се прошета низ одбраната на Рома.
Наполи на контото има 17 бода, исто колку и Рома. Во следната рунда тимот на Елмас гостува кај Кротоне, додека Рома ќе биде домаќин на Сасуоло.