• Саше Љолес

Сѐ уште не е официјално потврдено, но извесно е дека Антонио Конте летово ќе го преземе Наполи и ќе потпише четиригодишен договор со актуелниот шампион на Италија.
Претседателот на клубот, Аурелио де Лаурентис, конечно решил да го „одврзе ќесето“ и на Конте ќе му исплаќа сума од осум милиони евра годишно, а стратегот ќе има и комплетна слобода во креирање на тимот, како и трансфер-буџет од околу 130 милиони евра.
Де Лаурентис сака да го задржи победничкиот дух во тимот и најави реконструкција во одреден сегмент од соблекувалната, па токму Конте ќе има задача да го врати тимот во најголемите височини и одново да се бори за титулата во Серија А.
54-годишниот Конте е трофеен тренер кој во кариерата ги предводеше Јувентус, Интер и Челзи, и освојуваше шампионски титули буквално секаде каде што работеше. Наполи во новата сезона дефинитивно ќе има нов лик, а со доаѓањето на Конте, се зголемуваат и шпекулациите за евентуално останување на првата ѕвезда, Виктор Осимен.