ВИДЕО: Наполи одигра страшно полувреме и ѝ нанесе висок пораз на Аталанта

Фудбалерите на Наполи за едно полувреме го решија дербито со Аталанта (4-1), за прв пораз на тимот од Бергамо оваа сезона во Серија А. Избраниците на Џенаро Гатузо покажаа моќ во првиот дел кога дадоа четири голови, додека Аталанта изгледеша непрепознатливо. Новото засилување Сем Ламерс погоди за тимот на Гасперини, но тоа беше недоволно за било што. 

  • Извештај од натпреварот: 

Домаќинот на „Сан Паоло“, прикажа подобра игра уште од стартот, а тоа го круниса со гол за предност во 23. минута. Една наизглед не многу упасна топка во петерецот, мина низ целата одбрана и како сервирана стигна до ногата на Лозано за 1-0. 

Истиот фудбалер само четири минути подоцна постигна втор гол. Мертенс го проигра Мексиканецот, а Лозано со одмерен удар ја пласираше топката крај Спортиело за 2-0. 

Не мина многу време ниту до третиот гол за Наполи. Матео Политано прими топка на десната страна, повлече кон средината и со одличен удар зголеми на веќе огромни 3-0 за својот тим во 30. минута. Меѓу стрелците своето име го запиша и најскапото засилување на овој тим, Виктор Осимхен. Интересно, нему му асистираше голманот Оспина, пред напаѓачот да направи соло продор и да бие од околу 25 метри, необранливо за Спортиело. 

Иако натпреварот практично беше решен во првиот дел, Аталанта не се откажа. Гасперини внесе четири нови имиња во тимот, а токму еден од резервистите беше стрелец. Напаѓачот Сем Ламерс го постигна единствениот гол во второто полувреме во 69. минута од средбата. Ромеро му упати прецизна долга топка зад одбраната, а Холанѓанецот лесно го матираше Оспина и ги постави конечните 4-1. 

За Аталанта ова беше прв пораз по воведните три победи во Серија А, додека и Наполи има три победи, ама и еден одземен бод поради тоа што не отпатува на дербито против Јувентус