Наполи ќе „искешира“ 60 милиони евра за ѕвездата на Шахтјор!

Генералниот директор на Шахтјор од Доњецк, Сергеј Палкин, за домашните медиуми потврди дека украинскиот гигант е во сериозни преговори со Наполи за трансфер на Георгиј Судаков, кој важи за еден од најдобрите играчи во тимот. 

„Партенопеите“ сериозно „загризале“ за неговите услуги и се обидуваат да ја намалат поставената цена од 60 милиони евра, а тоа го призна и Палкин. 

„Да, во преговори сме и мислам дека сме на добар пат. Не можам да зборувам за цифрите, но знам дека работата ќе биде завршена. Не сум загрижен за Судаков, тој сигурно ќе пронајде силен клуб затоа што важи за еден од најдобрите на својата позиција. Ако се договориме со Наполи, тој сигурно ќе настапува во Италија следната сезона“, рече Палкин. 

Наполитанците се во мртва трка со Интер за шампионската титула во Серија А, но очигледно уште од сега мислат како да го засилат тимот и за следната сезона. Судаков е член на Шахтјор од 2020 година и досега постигна 26 гола на 92 натпревари. 

Фото/Foto: Transfermarkt