ВИДЕО: Наполи киксна со Џенова, трката за титулата во Серија А станува супер-возбудлива

Фудбалерите на Наполи прокоцкаа голема можност одново да му побегнат на Интер на три бода на табелата во Серија А, откако вечерва разочараа пред својата публика и одиграа без победник против Џенова. Во последниот денешен натпревар од 36. коло од италијанското првенство избраниците на Антонио Конте имаа водство до самиот финиш, но не го сочуваа и сега до враќање на титулата ќе мора да се тркаат по потешкиот пат. Натпреварот на „Диего Армандо Марадона“ заврши со резултат од 2-2 (1-1).

На полувреме беше 1-1, откако поранешните членови на Манчестер Јунајтед, Мектоминеј и Лукаку одново покажаа добра соработка и белгискиот напаѓач погоди за домашно водство. По половина час игра Мерет несреќно си постигна автогол и Џенова го израмни резултатот.

Во вториот дел Наполи притисна посилно и тоа вроди со плод во 64. минута, кога Мектоминеј запиша уште една асистенција, а водството на Наполи го врати Распадори. Наполи долго време имаше контрола на теренот и креираше неколку шанси за зголемување на водството, но откако не ги искористи следуваше казната и конечните 2-2 ги постави Васкез во 84. минута. 

  • Извештај од натпреварот:

Во следното коло Наполи гостува кај Парма, додека Интер, кој сега заостанува само еден бод од лидерот, игра дерби со Лацио.