ВИДЕО: Наполи ја „скрши“ Фиорентина и во последното коло сам одлучува за ЛШ

Фудбалерите на Наполи не се предаваат од трката за Лигата на шампионите, откако во вистински момент одиграа одлична партија и запишаа значајна победа со која се искачија на третата позиција на табелата во Серија А.

Момците на Џенаро Гатузо, на отворањето на денешниот ден од 36. коло во фудбалска Италија, за противник ја имаа Фиорентина, екипа која иако играше без резултатски притисок, посакуваше победа над големиот ривал, но на крај бодовите заминаа за Неапол (0-2).

  • Извештај од натпреварот:

По мирниот и не така возбудлив прв дел, во кого двете екипи имаа по само една полушанса за погодок, во вториот гледавме вистинска фудбалска битка, која заврши со среќен крај за наполитанците. Сè започна во 51. минута кога Политано не погоди од зицер позиција, но веќе во следниот напад Наполи доби најстрога казна, која во гол ја претвори Инсиње. 

Додуша искусниот офанзивец не го погоди ударот од белата точка, поточно Терациано одлично одбрани, но на одбиената топка налета Инсиње и од „втора“ ја смести во посакуваната цел. Само единаесет минути по првиот удар на гостите, следуваше нов шок за домаќините и Зјелински стави печат на победата Наполи. Нашиот репрезентативец Ељиф Елмас цел натпревар го преседе на клупата за резерви.

Во следното, последно коло во Серија А за оваа сезона, Наполи против Верона сам одлучува дали ќе игра во Лигата на шампионите или не, додека Фиорентина гостува кај Кротоне.