ВИДЕО: Наполи ја „наполни“ Специја и се искачи на второто место во Серија А

Екипата на Наполи по неочекуваното реми во претходното коло против Каљари, експресно им се врати на победите во Серија А и остана во игра за местата кои идната сезона водат во Лигата на шампионите. 

Избраниците на Џенаро Гатузо на гостински терен без многу проблеми и со убедливи 1-4 го совладаа домашниот тим на Специја и за момент се искачија на втората позиција на табелата во италијанскиот шампионат. Наполи со денешните три бода собра вкупно 70 и за по една позиција ги надмина Аталанта, Јувентус и Милан кои имаат по 69 бода, но и еден натпревар помалку.

  • Специја - Наполи 1-4:

Дуелот во Специја беше решен уште во првиот дел, затоа што Наполи одигра моќни 45 минути и трипати ја стресоа домашната мрежа. Водство за гостите од Неапол донесе полскиот офанзивец Зјелинси со погодок во 15. минута, а потоа на сцена стапи нигерискиот напаѓач Осимхен, кој со два брзи гола ги реши сите дилеми на овој натпревар.

Почесниот погодок за Специја го постигна Пиколо во 64. минута, додека во самиот финиш Лозано ги постави конечните 1-4. Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас натпреварот го започна како резерва и ги одигра последните 15 минути.

  • Удинезе - Болоња 1-1: 

Реми со по еден гол во двете мрежи попладнево одиграа Удинезе и Болоња (1-1). Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски не настапи заради повреда. 

Во следното коло Наполи ќе се судри со Удинезе, додека Специја ќе брка изненадување на гости кај Сампдорија.