ВИДЕО: Наполи „изгоре“ во Мадрид, Реал слави во спектакл со шест гола!

Фудбалерите на Реал Мадрид славеа во дербито на колото во групата Ц од Лигата на шампионите со 4-2 (2-1) против Наполи на „Сантијаго Бернабеу“. Натпреварот беше вистински спектакл, понуди шест погодоци, гостинот поведе пред „кралот“ да се разбуди и на крајот да се радува на нова голема победа. Реал остана максимален по пет кола, додека Наполи во последното коло мора барем да ремизира со Брага за да избори осминафинале.

  • Реал Мадрид - Наполи 4-2:

По само девет минути игра екипата од Неапол успеа да дојде до предност. Една мешаница доведе до префрлена топка од Ди Лоренцо до Џовани Симеоне, а Аргентинецот стрела за 0-1. Иако голманот Лунин се обиде да ја изнесе, топката веќе ја мина гол-линијата. Сепак, радоста на гостите траеше доста кратко. Практично во следната вистинска акција „кралевите“ израмнмија. Одлична акција по левата напаѓачка страна доведоа до проигрување од Брахим Диаз до Родриго, а Бразилецот испрати дијагонала во спротивниот агол за 1-1. Веќе во 22. минута Реал дојде до целосен пресврт, со погодокот на новата ѕвезда Џуд Белингем. Англичанецот доби нафрлување од Алаба, па со глава го матира Мерет за 2-1. До полувремето шанса за домаќинот имаше и Брахим Диаз, ама безуспешно. 

Веднаш на стартот на второто полувреме „партенопеите“ дојдоа до израмнувачки погодок. Франк Замбо Ангиса одлично беше проигран на десната страна на шеснаесетникот, се обиде на уфрли, ама одбиената топка му се врати на волеј кој го испрати зад грбот на Лунин за 2-2 во 47. минута. Во продолжението Наполи почна да се буди, иако Реал имаше контрола. Неважечки погодок по евидентен офсајд даде Виктор Осимен

Следеше период во кој гостите се извлекоа да не примат трет гол во неколку наврати. Џуд Белингем беше најрасположен за игра, имаше обид со глава, а потоа и зицер кои Мерет му ги скроти, додека по одбиени топки се закануваа Алаба и Хоселу. Конечно отпорот на Наполи пукна во 84. минута, стрелец беше младиот аргентински фудбалер Николас Паз кој со удар од преку 25 метри го натера Мерет на грешка (3-2). До крајот на мечот Ељиф Елмас, кој влезе во 65. минута, и соиграчите се обидоа да се вратат резултатски, меѓутоа не успеаја во тоа. Напротив, Реал со четврти погодок преку Хоселу само ја потврдија победата 4-2. 

Реми со по еден гол одиграа Брага и Унион Берлин (1-1). Сега ситуацијата пред последната рунда е јасна, на Наполи му одговара и реми со португалскиот тим на „Диего Армандо Марадона“ за пласман во осминафиналето.

  • Брага - Унион Берлин 1-1:

Фудбалерите на Копенхаген успеаја да го задржат Баерн Минхен и одиграа големо реми на „Алијанц Арена“ (0-0). Данците кои се во битка за вториот билет за осминафинале одолеаја пред налетот на гигантот и во директна битка со Галатасарај во последното коло ќе одлучуваат за својата судбина. Минимални надежи има Манчестер Јунајтед, кој мора да чека реми на Данците и Турците, но и да го победи Баерн. 

  • Баерн Минхен - Копенхаген 0-0:

Последното коло од Лигата на шампионите се игра на 12 и 13 декември.

Состави

Карло Анчелоти

4-4-2

    Антонио Конте

    4-3-3