• Иван Димовски
Екипата на Наполи го доби дуелот од четвртото коло на групната фаза во Лигата на Европа на својот „Сан Паоло“ против Ријека со 2-0 (1-0). Дуелот во кој се сретнаа Ељиф Елмас и Дарко Велковски, кои се репрезентативни колеги во Македонија, одново му припадна на помладиот кој игра во далеку поквалитетна средина.
- Наполи - Ријека 2-0:
Иако момците на Џенаро Гатузо играа со половина гас и чуваа сила во згуснатиот распоред, квалитетот беше неспорен и искусна победа од два голови лесно беше достигната. Резултатот беше отворен во 41. минута со автоголот на Армандо Анастасио. Италијанецот немаше избор и топката го погоди пред да влезе во голот на Ријека (1-0). Во продолжението Ирвинг Лозано го постави конечниот резултат по 75. минути игра, откако убаво се снајде и ја пласира топката во мрежата на Невистиќ.
Рутинска победа, слична како таа на Наполи, запиша и Рома, која на гостувањето кај Клуж се радува со 0-2 (0-0). Романците долго парираа во првиот дел, ама по паузата Рома стигна до предност преку автогол на Дебељух. До крајот, Верету стрелаше од белата точка за лесна римска победа во Клуж.
Тотенхем лесно се справи со Лудогорец и со високи 4-0 ги освои трите бода во групата Ј. Карлос Винисиус двапати погоди во првото полувреме, додека Винкс и Лукас стрелаа во продолжението. Вреди да се истакне голот на Хари Винкс, кој беше речиси од половина терен, искористувајќи го излетувањето на противничкиот голман.
Баер Леверкузен прикажа одлична партија и со 4-1 го доби дуелот против Хапоел Бер Шева. Германците поведоа во првиот дел преку Шик, а на самиот старт од вториот дел Леон Бејли зголеми на 2-0. Иако Шивиро успеа да намали и да ја врати надежта за Израелците, Демирбај и Аларио за неколку минути го решија мечот. Во оваа група се истакна и Славија Прага на гости кај Ница, со победата од 1-3. Со денешните победи, Славија и Баер имаат по девет бодови во групата Ц.
Ренџерс, пак, потфрли против Бенфика и одново испушти два голови предност како во Лисабон на почетокот од месецов. Сега на „Ајброкс“ момците на Џерард поведоа со головите на Арфилд и Руфи, ама Бенфика не запре. Таверние ја врати надежта на Португалците со автогол, а Пизи донесе нов бод против Ренџерс (2-2).
- Ренџерс - Бенфика 2-2: