ВИДЕО: Наполи го „сопре“ Интер, реми во дербито на колото во Серија А

Екипата на Наполи го сопре „залетаниот“ Интер и одигра реми од 1-1 (1-0) на „Диего Армандо Марадона“ во Неапол во дуелот од 31. коло. Лидерот во Серија А имаше единаесет победи во низа, но екипата на Џенаро Гатузо го задржа на реми, а лесно можеше и да загуби. Ељиф Елмас доби шанса во самата завршница и одигра неколку минути во дербито против Интер. 

„Нераѕурите“ подобро ја отворија средбата во Неапол, тргнаа со офанзивен пристап и го притиснаа ривалот уште од стартот. Мрежата околу шеснаесетникот на Мерет се плетеше, а првата и најголема шанса за водство ја имаше Ромелу Лукаку. По уфрлување на петерецот, Белгиецот го смени правецот на ударот и ја стресе пречката, а потоа имаше и уште една изгледна шанса. 

Според непишаното фудбалско правило, кога промашуваш - доаѓа казната. Така, Лоренцо Инсиње изнуди автогол кој му беше припишан на Самир Хандановиќ за 1-0 во 36. минута. Италијанецот украде топка по лоша комуникација на противничката одбрана, од мртов агол нафрли на петерецот, а таму Де Вриј му пречеше на Хандановиќ, кој ја испушти топката и таа заврши преку линијата. 

Со овој резултат, јасно беше каква ќе биде сликата во продолжението. Интер тргна посмело во напад, а Наполи на Гатузо дисциплинирано се бранеше. Сепак, Кристијан Ериксен изведе мајсторија и со одличен удар од околу 20 метри го матира Мерет за 1-1 во 55. минута. 

Во продолжението, Интер се обиде да дојде и до целосен пресврт, но дефанзивата предводена од Кулибали беше на висина на задачата. Најдобрата шанса за Наполи, ја имаше Матео Политано, со одличен удар ја погоди пречката од голот на Хандановиќ. Интер прејде во целосна офанзива на крајот, иако и бод им одеше од рака во ова дерби. Најблиску до гол беше пак Ериксен, кој се обиде да го изненади Мерет, но не успеа во тоа. 

  • Извештај од натпреварот: 

На првенствената табела, Интер е лидер со девет бодови повеќе од Милан, додека Наполи се наоѓа на петтата позиција со 60 бодови и го чека жестока битка за пласман во Лигата на шампионите.