• Иван Димовски
Шпанскиот фудбал е потресен од голем скандал, откако судот во Валенсија му изрече затворска казна на Рафа Мир поради сексуален напад.
Напаѓачот е осуден на вкупно осум години и шест месеци затвор. Од нив, седум години се однесуваат на сексуалниот напад, додека дополнителните 18 месеци се за нанесување телесни повреди. Сепак, пресудата сѐ уште не е конечна и одбраната има право на жалба. Покрај затворската казна, Мир доби и десетгодишна забрана да ѝ се приближува на жртвата на растојание помало од 500 метри. Судот му наложи и исплата на вкупно 64.000 евра отштета.
„Не се сложувам со казната и ќе поднесам жалба до апелацијата во следните денови. Продолжувам да верувам во правосудниот систем и правдата“, напиша Мир по судењето.
Рафа Мир е производ на младинската школа на Валенсија, а во текот на кариерата настапуваше за неколку клубови во Шпанија и Англија. Беше член на Вулверхемптон, а потоа играше на позајмици во Лас Палмас и Нотингем Форест. Најдобрите партии ги прикажа во дресот на Уеска, по што во 2021 година направи трансфер во Севиља. Во својата кариера има настапи и за младинските селекции на Шпанија, а беше дел и од репрезентацијата која го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио во 2021 година.

