Напаѓачот на Бордо се разбуди од кома, фановите со желби за заздравување

Фудбалерот на Бордо, Алберт Елис, се разбуди од вештачка кома, во која беше ставен поради тешката повреда на главата, добиена за време на натпреварот против Генгамп во втората француска лига. 

„Среќни сме што можеме да ја споделиме со вас оваа радосна вест која дава охрабрувачки знаци. Алберт е буден и се чини дека постепено заздравува од тешката повреда. Остануваме поврзани со неговото семејство и сите се надеваме дека наскоро комплетно ќе заздрави“, стои во краткото соопштение од Бордо. 

Алберт Елис се повреди при судирот со противнички играч на натпреварот против Генгамп, а потоа беше подложен на операција поради тешката фрактура на черепот. Напаѓачот е голема ѕвезда во родниот Хондурас, селекција за која досега настапи на 60 натпревари и постигна 13 гола.

Фановите од неговата земја упатија пораки со желба за брзо задравување, а истото секојдневно го прават и навивачите на неговиот клуб.