ВИДЕО: Нант го изненади Марсеј и со три бода заминува од „Велодром“

Фудбалерите на Нант направија подвиг и го совладаа Олимпик Марсеј на „Велодром“ со 1-3, во рамките на 26 коло од француската Лига 1. Гостинот дојде до триумф по пет последователни дуели без победа, во кои освоија само два бода. Марсеј беше подобар противник и ја контролираше играта, но не успеаваа да ја пробијат гранитната одбата на Нант.

  • Извештај од натпреварот:

Гостинската екипа подобро ја отвори средбата и првата посериозна закана дојде преку Мозес Симон, кој остана немаркиран во шеснаесетникот, но беше непрецизен. Веќе во следната можност Нант поведе со 0-1 во 34. минута, преку Лимбомбе. Белгиецот се најде осамен на втората статива, од каде со глава реализираше по центаршутот на Бамба. 

Марсеј веднаш тргна поагресивно, што за малку ќе се исплатеше бидејќи Ронгиер упати прецизен удар кој го одбрани голманот Лафонт. Радоста кратко траеше бидејќи Морган Сансон постигна ефектен гол од околу 20 метри, за израмнување во 39. минута. 

Второто полувреме стартуваше со нова предност на гостите кои во 53. минута поведоа преку Бамба. Крилниот играч на Нант поведе соло продор по левата страна, се ослободи од својот чувар и од косо го изненади Манданда за 1-2. 

Тимот предводен од Андре Виљаш Боаш продолжи со доминантната игра, но речиси сите акции завршуваа на 20 метри од голот. Главната опасност од Марсеј доаѓаше по прекините кои ги изведуваше Паје, но голманот Лафонт и колегите од одбраната одолеваа. 

Шпанскиот стопер Алваро ја пропушти најизгледната ситуација пред истекот на регуларните 90 минути, кога по корнер мешаница и неколку додавања со глава, од непосредна близина биеше покрај голот на Нант. 

Точка на средбата можеше да стави Симон кој се најде во шанса откако Манданда непромислено излета далеку од својот гол, но при шутот како да загуби сила и само му додаде на францускиот голман. Сепак, до победоносен гол гостите дојдоа по една мешаница и притисок од Бамба, а стоперот Алваро ја смести топката во сопствената мрежа.