• Горан Упале
Додека 99,9 проценти од 15-годишниците се враќаат на училиште по летната пауза, Макс Даумен се подготвува за своето деби во Европа. Арсенал го избра својот пулен за иднината, а тоа е момче кое навистина ветува.
Иако сè уште не може да се запише во автошкола, тој е на списокот на „топџиите“ за претстојната Лига на шампиони, заменувајќи го докажаниот напаѓач Габриел Жесус, кој е повреден. Ова не е толку изненадувачки, со оглед на тоа што Бразилецот мака мачи со повредата на коленото во последните девет месеци, а Даумен веќе одигра 30 минути во Премиер лигата оваа сезона. Сепак, тој е на пат да испише нови страници во фудбалската историја.
Тој веќе стана првиот 15-годишник вклучен во европскиот состав на Арсенал, а доколку тренерот Микел Артета му даде шанса да игра во кој било натпревар од групната фаза во 2025 година, тој ќе биде најмладиот играч што некогаш играл во Лигата на шампионите! Тој рекорд моментално го држи Јусеф Мукоко, кој настапи за Борусија Дортмунд на 16 години и 18 дена против Зенит во 2020 година.
Но, Даумен мора да ја заработи која било секунда во Лигата на шампионите. Теоретски гледано - дефинитивно има простор за младиот играч од средниот ред да дебитира, со оглед на тоа што Арсенал го има еден од најлесните распореди во првата фаза од натпреварувањето.
Противници на лондончани во лигашкиот дел од ЛШ ќе им бидат: Баерн Минхен, Интер, Атлетико Мадрид, Олимпијакос, Бриж, Славија Прага, Каират и Атлетик Билбао.



