ВИДЕО: Наместо гол од зицер за победа, повреда на коленото за Шешко!

Иако „црвените ѓаволи“ против Тотенхем беа на чекор до победа, крајот на мечот донесе нова драма и непријатност за тренерот Рубен Аморим затоа што тимот едвај се спаси од пораз со гол во 96. минута, а претходно го загуби и Бенџамин Шешко заради повреда.

Целата ситуација со Словенецот се случи во 86-тата минута, кога напаѓачот имаше извонредна можност да ја реши средбата. Доби совршена топка и се најде сам пред голманот на Тотенхем, ама, сепак, играчот не успеа да реализира и топката заврши во рацете на домаќинот. Само неколку секунди подоцна, Шешко се строполи на тревата држејќи се за коленото.

Медицинскиот тим веднаш реагира, но по краток преглед стана јасно дека Шешко не може да го продолжи мечот. По натпреварот, португалскиот стратег Рубен Аморим не звучеше премногу оптимистички.

„Мораме да направиме детални прегледи. Изгледа дека има нешто со коленото, па ќе видиме во наредните денови“, изјави Аморим на прес-конференцијата.

Шешко чувствувал болка во моментот на повредата, а првичните информации укажуваат дека станува збор за потенцијален проблем со лигаментите. Сепак, медицинскиот тим на клубот ќе спроведе дополнителни тестови за да се утврди точната природа и сериозноста на повредата.

Позитивна околност за Јунајтед е тоа што следниот натпревар во Премиер лигата е закажан дури на 24 ноември. Ова му дава време на Шешко да закрепне доколку повредата е полесна и да се врати во конкуренција за настап. Но, како што секогаш е случај со проблеми со коленото, ризикот останува висок, а времето на опоравување може значително да варира.