НАЈВИСОК ТРИУМФ ВО ИСТОРИЈАТА: Македонија со 7-1 ги здроби Ф. Острови! (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година со сигурна победа ги почна квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година и во Скопје ги декласира Фарските Острови (7-1).

  • Извештај од натпреварот:

Нашите надежи одиграа перфектен меч, со исклучок на воведните дваесетина минути кога имаа негатива. Под водство на Благоја Милевски, аутсајдерот беше надигран и со полна мрежа е испратен кон дома. Ова е добар старт на квалификациите, во кои се влегува со оптимизам и се цели кон второто место во групата кое носи место на европскиот собир. За Македонија ова е највисок триумф во историјата, затоа што падна рекордот против Гибралтар, кого надежите во 2018 година го совладаа со 6-1.

Мечот во Скопје почна со пресинг на Македонија, но една грешка во нашиот казнен простор донесе пенал за Фарски Острови. Во 19. минута од мечот, Руфати ненамерно играше со рака, а судијата од Гибралтар покажа на белата точка, казна која во гол ја претвори Андреасен. 

Македонија не чекаше долго и пак притисна, а во 26. минута, Митровски доби топка во шеснаесетникот од Чурлинов и по земја изедначи на 1-1. Само неколку минути подоцна, Чурлинов по соло-акција погоди за пресврт, а пред финишот на вториот дел Митровски со вториот гол зголеми на 3-1.

Со два гола предност Македонија замина на пауза, за во 59. минута, Даци да постигне гол во мрежата на аутсајдерот и да донесе 4-1. Петтиот гол нашите надежи го постигнаа во 59. минута, преку Личина, по центаршут од прекин на Митровски. Мрежите мируваа се до последните пет минути, кога прво во 85. минута Митровски со глава го комплетира хет-трикот, а во 88. минута Чурлинов со својот втор гол ги постави конечните 7-1.

Во наредното коло кое ќе се игра на 10 октомври, Македонија ќе гостува кај Црна Гора во рамки на втората евроквалификациска рунда.