• Саше Љолес
Славниот бразилски фудбалер, Дани Алвес, се наоѓа во најтешкиот дел од животот и наскоро би можел да заработи затворска казна од дури 12 години поради наводното силување на една млада девојка во Барселона минатата година.
Алвес е еден од најтрофејните играчи на сите времиња и уживаше огромна почит од навивачите ширум светот, но работите драстично се сменија за многу кратко време и тој уште од октомври се наоѓа во притворско одделение, чекајќи го епилогот од судската постапка против него. Адвокатите на жртвата и обвинителите побарале дури 12 години затвор за Бразилецот, а конечната пресуда се очекува многу наскоро.
Обвинителите велат дека имаат доволно докази, а судењето треба да започне во првата половина на јануари. Алвес демантираше дека ја силувал девојката и преку неговите адвокати пишуваше жалби, но ниту една од нив не беше прифатена од обвинителството и судот. Тој најверојатно ќе мора да плати и сума од 150.000 евра на девојката, а воедно ќе добие забрана за комуникација со неа и приближување во следните петнаесет години.
Целата ситуација е прилично комплицирана, но се шпекулира дека фудбалерот би можел сепај да се извлече од сите обвиненија ако се спогоди со жртвата и се договори за исплата на уште поголема сума како „отштета за повредите и траумите“. Обвинителството не отстапува од желбата да го види бразилскиот дефанзивец во затвор, па останува да видиме каков ќе биде крајниот епилог.
Дани Алвес е еден од најдобрите и најтрофејните бразилски фудбалери во историјата. Тој е вистинска легенда на Барселона, за која настапи на 265 натпревари, а вкупно во кариерата успеа да освои 44 трофеи, еден повеќе од легендарниот Лионел Меси.